Консолидација на земјоделско земјиште
Малата површина на земјоделско земјиште по стопанство од 1,8 ха во просек и прекумерната расцепканост на истото на 5 или повеќе просторно одалечени парцели е најголемот структурен проблем со директно негативно влијание на конкурентноста на македонското земјоделство. Пoeдинечните парцели со просечната големина помеѓу 0,25 и 0,6 хектари честопати се без пристап до наводнување и одводнување и соодветна патна инфраструктура.
Директен резултат од неповолната структура на земјиштетое ограничениот обем на производство, зголемените трошоци за гориво за транспорт од една до друга парцела, неможноста за примена на современа технологија, итн, што ги лимитира вкупните приходи од земјоделството и го спречува реализирањето на развојните планови.
Консолидацијата на земјиште е единствениот начин да се реши прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште. Тоа е процес на групирање на земјишните парцели со цел да се окрупнат и да се подобри нивниот облик, да се оптимизираат земјоделските имоти и да се воспостави неопходната инфраструктура, а во исто време да се заштити животната средина.
Како резултат ќе се овозможи секое земјоделско стопанство да поседува една или што помал број на земјишни парцели кои имаат правилна форма, пристап до пат и канали за наводнување и одводнување. Ова директно ја зголемува ефикасноста во земјоделското производство и придонесува за подобрување на животниот стандард на руралните заедници.
Еден од клучните принципи на консолидацијата е дека сопственикот на земјиштето не смее да добие помала вредност во однос на вредноста која ја внел на почетокот на процесот.
Проценката на вредноста на земјишните парцели ја врши овластен проценител, а новиот План за распределба на земјиштето се усвојува од страна на Собранието на учесници во консолидацијата. Трошоците за постапките се покриени од јавни извори на финансирање.